Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија ги прави завршните подготовки за последните два меча во евро-квалификациските.
По двонеделни подготовки, дамите се подготвени да направат чекор напред во однос на нивната игра и претставувањето на теренот.
Тоа е и главната амбиција во пресрет на последните мечеви, со оглед на дека претходно ги загубија шансите за учество на ЕП.
„Мотивацијата е на повисоко ниво од претходните настапи, затоа што веќе почнавме да играме – ако може така да се изразам.
Сега кога знаеме како можеме да играме, а ни следат дуели со уште поквалитетни репрезентации, тоа носи уште поголема инспирација да се покажеме во најдобро светло. Голема предност е што сме во комплетен состав овој пат, здрави и без проблеми. Играме со противници кои ни се добро познати и нема простор за изненадување. Направивме добра анализа, добри подготовки и наше е да одиграме најдобро што можеме.
Играме за нас самите, свесни сме дека резултатски немаме што да загубиме. Истовремено овие натпревари може да ни дојдат и како добра увертира за веќе следниот циклус, во кој се надевам дека ќе одиме чекор напред.
Сигурна сум дека на претстојните натпревари ќе понудиме уште подобра игра од онаа во Европската лига, особено на првиот меч во Скопје“, децидна е Тамара Стојанова.
Одбојкарките денеска и утре финишираат со темпирањето на формата во пресрет на неделниот меч со Грција.
Во недела, 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ја пречекува селекцијата на Грција во претпоследниот натпревар. Последниот ќе го игра на гости кај Австрија на 9 август.

































