Победа од 2:1 за Силекс во реваншот од првото квалификациско коло на Конференциската лига, но пласман во следната рунда избори тимот на Дечиќ. Победата од 2:0 на екипата од Црна Гора им донесе вкупна победа од 3:2.
Гостите од Тузи на почетокот од натпреварот ја казнија двојната грешка на Силекс, прво киксот на средина на теренот, а потоа и лошата реакција на голманот Џеков за водство за Дечиќ од 1:0 во 3.минута. Стрелец на голот беше Стриковиќ. Почетните минути беа во знакот на гостите, но во следните две шанси домашниот голман беше на висина на задачата и ги одбрани ударите на Голубовиќ (10.минута) и Стриковиќ (16.минута).
Во продолжението избраниците на Васовски воспоставија контрола и првата шанса ја имаа во 20.минута преку Ефтимов. Пет минути подоцна изедначи Алиќ на 1:1. По ударот на Говедарица топката заврши во пречката, а Алиќ беше на вистинското место. Во 30.минута се закани Говедарица, а во следната минута и Алиќ, но немаше промена на резултатот.
Во судиското надополнување на првиот дел Силекс беше оштетен. Грешката на голманот Никиќ, Силекс ја казни со гол, но поради сомнителен фаул белорускиот судија Шмисумик го поништи што наиде на бурни реакции на домашниот тим.
На стартот од вториот дел Алиќ доби еден дуел за шанса, но имаше недоразбирање во завршницата на акцијата кај кратовчани. Силекс во 60.минута имаше шанса за водство, но Донов од слободен удар ја погоди пречката. Радост за околу 1200 навивачи донесе голот на Хрвановиќ, кој одлично реагираше на нафрлената топка на Додев за водство од 2:1 во 80.минута. Во завршницата домашниот тим пропушти уште дна шанса кога шутот на Хрвановиќ отиде над пречката.
Дечиќ во следната рунда ќе игра против екипата на рапид Виена.





































