Македонската младинска машка кошаркарска репрезентација со пораз го почна настапот во Б дивизијата на Европското првенство.
На шампионатот што се одржува во Ереван, Македонија во дуелот од 1.коло на Ц групата е надиграна од Холандија со 58-78.
Противникот подобро го почна натпреварот, сепак, македонските младинци брзо го израмнија резултатот. првата четвртина ја решија во своја полза со 20-19. Со седумте врзани поени на стартот на вториот период, Македонија имаше на највисоки осум поени предност (27-19). Но, на одмор црвено-жолтите заминаа само со +3 (34-31).
И во второто полувреме се играше рамноправно, само во третата четвртина. Во неа, за нијанса подобри беа Холанѓаните кој го завршија периодот со предност од 48-50. Во последниот квартал македонските младинци комплетно потфрлија. Во нападот без решени, а во одбраната индолентно и не заинтересирани. Како резултат на таквата игра, ние постигнавме само 10, а противникот 28 поени. На крајот Холандија заслужено славеше со дури 20 поени разлика.
Со само двајца двоцифрени кошаркари Македонија и не можеше да се надева на повеќе. Кириловски заврши со 14, а Лиуканосвки со поен помалку (13)
Утре (12 јули) во натпреварот од второто коло Македонија за противник ќе ја има Австрија во мечот што ќе почне од 19 часот.
 
             
		