Победнички финиш на машкиот национален тим во годинешното издание од ЦЕВ Европската Златна лига 2025, откако вечерва со 3:0 (25:20, 25:21, 25:13) ја совладаа Црна Гора во последниот натпревар во салата „Парк“ во Струмица.

Македонија и Црна Гора одлично се познаваат меѓусебно, а тоа го потврди и рамноправната игра во првите два сета во кои се играше егал. Избраниците на Јошко Миленкоски го одиграа можеби најдобриот натпревар во Златната лига годинава.

Бевме сигурни и дисциплинирани во играта во моментите кога се „кршеше“ резултатот. Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов ја имаа улогата на лидери, Владо Милев со своето искуство даваше стабилност во играта, а останатите играа на високо ниво и имавме одлично решение за било кој „напад“ од противникот.

Откако по голема борба ги добивме првите два сета, во третиот отпорот на Црногорците беше комплетно скршен. Правеа голем број на технички грешки кои само ни одеа во прилог и разликата беше висока, па Македонија можеше рутински да си ја заврши работата.

Никола Ѓоргиев со 16 поени го предводеше тимот, следен од Александар Љафтов со 12, додека Филип Савовски постигна девет поени.

Македонија настапот во ЦЕВ Европската Златна лига 2025 го завршува со две победи во шест натпревари и на деветото место на табелата, со кое обезбедува учество во ова натпреварување во следното издание.