Кошаркарите на ТФТ и МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го играат третиот натпревар од финалето во плеј-офот.
За домашниот тим на ТФТ тоа ќе биде дуел „да се биде или не“!
Само со победа тимот од скопската населба Тафталиџе ќе може да ги одржи надежите за евентуален конечен успех. Избраниците на тренерот Боро Смилковски во вториот меч (барем едно полувреме) покажаа дека можат да се носат со актуелниот првак. Но, и на тој натпревар се повторија осцилациите во играта. Сега пред својата публика ќе ја бркаат првата победа, која значи продолжување на финалната серија.
МЗТ Скопје пак уште денеска може да ја освои 12-тата шампионска титула. Искуството на аеродромци во ваквите натпревари е голема предност. Стана речиси пракса во изминатиот период, сино-белите, безмалку редовно, на теренот во СЦ „Кале“ да подигнуваат пехар.
Ќе биде ли така и вечерва, останува да видиме во натпреварот што ќе почне од 19.30 часот, а што може да го следите овде и низ директен пренос на МРТ 3 (овде).