Ракометарите на Алкалоид вечерва (20:30 часот) го играат реванш финалето од Европскиот куп на ЕХФ. Противник им е екипата на АЕК од Атина, против која македонскиот тим на првиот дуел пред седум дена во Атина оствари победа од 29:25.

На тој натпревар избраниците на Кирил Лазаров покажаа ментална цврстина, дисциплина во играта, трпеливост и пред се игра со срце на терен, но и со „студена глава“. За конечна победа во двомечот со АЕК ќе бидат потребни сите овие елемнти, но мудра игра за на крајот македонскиот тим да слави со повеќе илјадната публика која до последно место ќе ја исполни салата во СЦ „Борис Трајковски“.

Во таборот на Алкалоид на прес конференцијата напоменаа дека се работи максимално и за овој дуел, како да нема предност бидејќи нема да се брани предноста од Атина. За подобра подготовка на натпреварот во Скопје, екипата е во карантин што е сосема нормално за ваков тип на натпревари.

Имаме одлична предност од 4 голови. Но, јас секогаш сум внимателен, треба порелаксирано да го дочекаме натпреварот. Не сакам моите играчи да бидат под притисок.

Треба да уживаме во натпреварот, истакна Лазаров на прес конференцијата.

Екипата на АЕК ќе има поддршка од околу 200 навивачи, кои се најавени дека ќе присуствуваат во СЦ „Борис Трајковски“, а во изминатава недела во грчките медиуми имаше најави дека искусниот тим ќе атакува на победа во Скопје. Тимот од Атина во 2021 година беше освојувач на Европскиот куп.

Натпреварот во Скопје ќе го судат португалските судии: Даниел и Роберто Акото Мартинс, додека делегати се: Денис Рибел од Франција и Фрањо Бобинац од Словенија.