По вчерашниот прв собир на машкиот национален тим во Струмица, селекторот Јошко Миленкоски има (по)јасна слика со што ќе располага во пресрет на настапот во Златната Европска лига.

Средниот блокер на Штип УГД, Михајло Мирасчиев се појави во Струмица, но за да се откаже од репрезентативниот повик поради приватни причини.

Под знак прашалник е настапот и на уште еден играч на оваа позиција Филип Маџунков. Тој се стави на располагање на националниот тим и тренира со екипата во Струмица, но истовремено чека и операција на коленото. Маџунков имаше една операција на крајот на февруари, на левото колено – повреда, која е успешно санирана, но сега проблем е десното колено и потребно е да се направи мала интервенција.

Во консултација со селекторот Миленкоски, челниците на Федерацијата и лекарскиот тим ќе биде донесена одлука дали операцијата ќе се направи во најкус можен рок. Но тоа би значело отсуство на Маџунков од натпреварите во Златната Европска лига. Во таков случај средниот блокер ќе се врати во националниот тим за евро-квалификациските дуели со Грција и Грузија во август.

Репрезентацијата од вчера е во Струмица, каде ќе тренира една недела, а потоа патува за Марибор, каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска. Тоа ќе биде единствената проверка на пред почетокот на Златната Европска лига.