Наслов: Ѓорче без мака го совлада Вардар
Во рамките од 18.коло од плеј-офот во женската ракометна Супер лига попладнево се одиграа два натпревари.
Шампионот Ѓорче Петров без мака го совладаа Вардар со 38:26.
Натпреварот започна фуриозно за екипата на Ѓорче Петров, која отвори со серија од 5-0 и рано го презеде водството. Домашниот тим продолжи со агресивна игра и веќе во 12-тата минута имаше убедлива предност од 10:3. Вардар се обидуваше да ја намали разликата, но Ѓорче Петров не попушташе и не дозволуваше пресврт. Разликата постојано растеше, па така домаќините стигнаа и до двоцифрено водство од 18:8. На полувремето, Ѓорче Петров замина со од предност 24:10.
На почетокот од второто полувреме, Вардар тргна решително и со серија од 5-1 успеа да ја намали разликата на 26:16. И покрај зголемениот притисок и обидите за „кам-бек“, Ѓорче Петров умешно ја контролираше играта и не дозволи резултатска неизвесност. Во 53-тата минута домаќините повторно ја вратија двоцифрената предност, водејќи со 34:21. До крајот на натпреварот, Ѓорче рутински ја одржа предноста и го затвори мечот со убедлива победа од 38:26.
Најефикасна од Ѓорче беше Ризоска со осум погодоци, додека од Вардар Голабоска даде пет гола.
Во исто време се одигра и натпреварот меѓу Астибо и Чаир, каде чаирчанки славеа уште по убедливо со 43:29.
За утре (недела 19 часот) закажан е последниот натпревар од ова коло во кој Металург Автокоманда е домаќин на Куманово.
ТАБЕЛА (плеј-оф): Ѓорче Петров 39 бодови, Металург Автокоманда 27, Чаир 25, Куманово 11, Вардар 9, Астибо 0.
Ивона Кимовска