Голем успех на македонскиот претставник Алкалоид во Европскиот куп на ЕХФ откако по изведувањето на пенали во реванш полуфиналето го елиминираа норвешкиот тим Рунар Сандефјорд.
Денешниот натпревар заврши со резултат со 34:29 или вкупен 71:71, па се изведуваа пенали, а Алкалоид беше поуспешен со 3:1.
Во финалето противник ќе им биде екипата на АЕК од Атина која го елиминираше Извиѓач.
Финалните дуели ќе се играат на 17/18.мај и 24/25.мај.
Дополнителен проблем за тренерот на Алкалоид Кирил Лазаров беше фактот дека на денешниот натпревар не можеше да смета на капитенот Игор Ѓогиев, кој се повреди на дуелот во вторник од првенството со Бутел.
Ракометарите на Алкалоид лошо го отворија натпреварот и противникот брзо ја анулираше предноста од првиот дуел откако поведоа со 6:1. Ракометарите на Рунар до првата предност од +6 стигнаа со водството од 10:4, но тоа како да го „крена“ тимот на Алкалоид, кој успеа да намали на 16:13 и на полувреме беше 19:15.
Во вториот дел најчесто водството за Рунар беше 3 и 4 голови разлика. Алкалоид намали на 25:23 и на 28:28, но потоа следуваше пад во играта и домашниот тим со серија од 5-1 стигна до предност од шест разлика 33:27. Сепак Алкалоид се врати резултатски и намали на 33:29, а конечните 34:29 ги постави Ивановски во последната минута. Последниот напад норвешкиот тим не успеа да го реализира откако Галевски имаше одлична интервенција.
Во пенал серијата за Алкалоид стрелци беа: Серафимов, Дамјан Митев и Петковски, ударот на Симоноски гоманот на Рунар го одбрани, а Галевски успеа да одбрани три седмерци.
 
             
		