Женскиот одбојкарска репрезентација на Македонија летово ја очекуваат настапите во Сребрената Европска лига и реванш натпреварите со Грција и Австрија од квалификациите за Европското првенство 2026 година.

Селекторот Стефан Пауновиќ првиот собир на дамите го закажа за 15 мај во хотел „Горан Пандев“ во Струмица кога ќе стартуваат подготовките за Сребрената Европска лига. Поради кусиот период за подготовка во пресрет на стартот на годинешното издание, репрезентацијата нема да одигра пријателски натпревари.

Второ учество во Европската сребрена лига

Македонија е домаќин на еден од првите турнири, односно од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни) против домаќинот и Австрија. Интересно е дека дамите ќе бидат условно кажано гости на третиот турнир, кој од 13 до 15 јуни ќе се игра во Струмица, а каде Израел ќе биде домаќин. Поради воено-политичките околности во кои се наоѓа Израел, оваа земја треба да биде организатор турнир на неутрален терен, а Одбојкарската федерација на Македонија прифати да даде логистичка поддршка. Трет учесник на овој турнир е селекцијата на Грузија.

По завршувањето на настапот во Сребрената Европска лига репрезентативките ќе имаат едномесечна пауза пред одново да се стават на располагање на националниот тим.

Реванш дуели во евро-квалификациите

На 20 јули во Маврово ќе започне темпирањето на формата за реванш натпреварите со Грција и Австрија за ЕвроВолеј 2026.

Дамите една седмица ќе бидат на подготовки во Маврово, а во фаза на преговори се потенцијални пријателски натпревари како финална контрола во пресрет на евро-квалификациските дуели.

Македонија е домаќин на првиот натпревар со Грција, кој ќе се игра на 3 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Евро-квалификациите дамите ги затвораат на гостински терен, во градот Хартберг, каде на 9 август играат со Австрија. По двата порази во првите меѓусебни натпревари со овие селекции, Македонија е без шанси за пласман на ЕП 2026.