Со четири натпревари денеска официјално започнува разигрувањето за шампионската титула во Првата македонска машка кошаркарска лига. На програмата се првите четвртфинални дуели од плејофот, кои ветуваат голема борба и неизвесност уште од стартот.
Први на паркет ќе излезат екипите на Работнички и Пелистер, кои својот натпревар ќе го одиграат со почеток од 16:30 часот. Дуел со голема тежина, со оглед на ривалитетот и историјата меѓу овие два тима. „Црвено-белите“ ќе бркаат предност на домашен терен, додека битолчани ќе се обидат да направат брејк уште на стартот. Натпреварот ќе се игра во салата „Невена Ѓорѓиева – Дуња“ во Кисела Вода.
Вечерниот термин, со почеток во 19 часот, носи три натпревари. Во Куманово, истоимената екипа ќе го пречека Кожув, меч што може да биде клучен за психолошката предност во оваа серија.
Паралелно со овој дуел, ќе се одигра и средбата помеѓу ТФТ и Чаир. Два тима со сличен стил на игра и амбиции, како непријатна историја во меѓусебните дуели, гарантира интересен и борбен меч.
Последен во овој блок е натпреварот меѓу актуелниот шампион МЗТ Скопје и тимот на Феникс, кој важи за аутсајдер, но сигурно нема да се предаде без борба. Аеродромци тргнуваат како фаворити, но ќе мора да ја оправдаат таа улога на терен.
Плејофот започнува и очекувањата се големи. Љубителите на кошарката имаат што да гледаат: четири натпревари, осум тима и една цел – освојување на титулата која ја брани МЗТ Скопје Аеродром.