Под генерално покровителство на Министерството за спорт, на 12-13 април ќе се одржи 56-то издание на Илинденски кајак слалом. Патеката на „Матка“ е подготвена за учесниците на годинашниот „ИКАС 2025“.
Министерот за спорт Борко Ристовски на денешната прес-конференција организирана во пресрет на настанот, ги поздрави учесниците. Тој ја потврди заложбата за поддршка на овој спор и на ИКАС како натпреварување со долгогодишна традиција.
„ИКАС е традиционално натпреварување кое треба да се поддржи и да се негува. Како Министерство за спорт силно се залагаме една од најстарите спортски манифестации во Македонија да ја издигнеме на повисоко ниво и да дадеме придонес како генерален покровител на овој настан.
Се надевам на успешна организација и соработка и во иднина со новиот претседател на Кајакарската федерација во насока на исполнување на амбициите за организирање и на други силни натпреварувања“, рече министерот Борко Ристовски
Претседателот на Кајакарската федерација на Македонија, Роберт Папазов ги соопшти техничките детали и ги повика љубителите на кајакот в сабота и недела да дојдат на Матка и да бидат дел од ИКАС.
„За мене како поранешен кајакар сега како претседател на Кајакарската федерација на Македонија, организацијата на ИКАС претставува особена чест и одговорност.
Благодарение на поддршката од Министерството за спорт ќе ги реализираме сите барања за организацијата на ова традиционално натпреварување.
Упатувам благодарност до Министерството за спорт, до Град Скопје и до сите кои го поддржа овој настан и се надевам дека публиката викендов ќе дојде на Матка во голем број да им даде поддршка на кајакарите“, порача Папазов.
Нашиот најдобар кајакар Ангел Петрушев посакувам добра трка и во добро светло да се претстави пред домашната публика.
„Се надевам на добар пласман. Конкуренцијата ќе биде исклучително тешка.
Ако не освоиме медал задоволен ќе бидам и со пласман во финалето, што секако ќе биде голем успех за нас“, истакна Петрушев.
На годинешниот ИКАС 2025, кој годинава се бодува за Светската ранг листа на ИЦФ, ќе настапат над 110 натпреварувачи од 10 земји. Во четирите категории во машка и женска конкуренција, Македонија ќе ја претставуваат дваесетина кајакари.