Македонскиот претставник во Европскиот куп Алкалоид успеа да избори пласман во полуфиналето откако вечерва во четвртфиналето во реваншот во Скопје во исполнетата сала Автокоманда го победи романскиот тим Баја Маре со 32:25 и со вкупни 63:56 го елиминираше противникот. Ова за Алкалоид беше седма победа во осумиот натпревар во Европскиот куп сезонава.

Алкалоид одлично го почна натпреварот и по серијата на одбрани на Иван Галевски дојде до предност од 4:0, па романскиот тренер Поповиќ во 6.минута мораше да бара тајм-аут. Тоа не беше пречка за играчите на тренерот Лазаров да продолжат со ефикасниот напад, па по 10 минути игра стигнаа и до +6 (8:2). Силниот ритам донесе и мал пад во играта на Алкалоид, па искусната гостинска екипа го казни тоа и со серија од три голови намали на 8:5. Сепак домашниот тим се врати во ритам во финишот на првиот дел и по неколку грешки на противникот стигна и до +7 (17:10).

Во вториот дел македонскиот претставник не дозволи противникот резултатски да се доближи и во неколку наврати успеа да стигне и до предност од осум голови.

Најефикасен на дуелот беше Кумпаниќ од Баја Маре со 8 голови, а кај Алкалоид Петковски постигна 6, додека Галевски натпреварот го заврши со 12 одбрани и два гола.

Во полуфиналето противник ќе биде екипата на Рунар Сандефлорд од Норвешка, која денеска во реваншот го совлада грчки Олимпијакос со 33:23 и со вкупни 64:60 избори полуфинале. Првиот натпревар се игра на 19 или 20.април во Скопје.