Натпреварот од 18.коло во Првата машка кошаркарска лига на Македонија, меѓу Вардар и Тиквеш е прекинат.
Дуелот што требаше да се игра на 16 март, но поради кочанската трагедија беше закажан за денеска е прекинат по не цели пет минути игра.
Имено поради проблеми со уредот за контролирање на времето на семафорот во салата „Невена Ѓорѓиева Дуња“ во Кисела Вода, натпреварот не може да се доигра.
Од тимот на Вардар кој е домаќин на овој дуел, се во брза потрага по ново решение. Неофицијално се бара термин во СЦ „Јане Сандански“ да се доигра натпреварот.
Иако Вардар има свој дом (малата сала во СЦ „Кале“), сепак црвено-црните се принудени да играат на друг терен. Ова откако МКФ влезе во „војна“ со Работнички, па и Вардар, и го суспендира теренот во споменатата сала во која до полусезоната се играат првенствени натпревари.