Одличен или перфектен настап во тековната сезона имаат ракометарите на Алкалоид со максимален учинок во Европскиот куп. Македонскиот претставник во ова натпреваување оствари шест победи во шесте одиграни натпревари, но денешниот дуел од четвртфиналето со романската екипа Баја Маре ќе биде најтешката битка досега во сезонава.

Избраниците на тренерот Кирил Лазаров во претходните три двомеча ги елиминираа Клаипеда од Литванија, Вест Виена од Австрија и Бриксен од Италија. Сепак, Баја Маре е екипа со поквалитетни ракометари, а воедно и во ланската сезона играа во полуфиналето од ова натпреварување. Тоа е состав со квалитетни романски играчи, како и со неколку интернационалци.

Но, сепак проблемите за тренерот Лазаров, доаѓаат од сопствените редови, односно повредите кои ги имаат неговите играчи. Повредата од пред една недела на натпреварот меѓу Словенија и Македонија ќе го спречи Марко Митев да биде во составот, од порано надвор од тимот заради повреди се Ненад Костески и Кристијан Симоноски, додека изминативе десетина дена уште неколку играчи се жалеа на повреди и ги прескокнаа натпреварите на македонската репрезентација.

Како и да е оние кои ќе се појават на теренот ќе треба „да војуваат“ 60 минути во салата Поливалента Лазар Пана во Баја Маре. Почетокот на натпреварот е во 17 часот, а ќе го судат Украинецот Анатоли Новиков и Литванецот Миндаугас Гателис, додека делегат е Кенан Ѓокмен од Турција.

Реванш натпреварот се игра на 30.април во Скопје.

Инаку, покрај овој дуел попладнево се игра и натпреварот Олимпијакос и Рунар Сандефјорд. На првите два четвртфинални дуели одиграни вчера: АЕК – Партизан 27:22 и Хаукар – Извиѓач 30:27.