Во седмото коло од плеј-офот од женската Супер лига кумановки го пречекаа тимот на Чаир. Гостинскиот тим со пресврт во последните минути успеа да го совлада тимот на Куманово со 27:26.

На почетокот Куманово успеа да поведе со 3:1. Иако Чаир се обидуваше да ја намали разликата, Куманово успеа да ја задржи контролата врз резултатот. Во 16. минута, предноста на домаќинките изнесуваше +4 (10:6). Кумановки постепено ја зголемуваа предноста. На полувреме Куманово имаа предност од 15:12.

Во 35.минута од второто полувреме, Куманово повторно ја зголеми својата предност на +5 (18:13). Сепак, Чаир не се предаде и со серија од 4:1 се доближи на 21:20, а потоа успеа и да израмни на 22:22.И покрај притисокот, домаќинките останаа цврсти и во 54. минута повторно поведоа со 25:23. Последните пет минути донесоа неизвесна и драматична завршница. Во 58. минута, Чаир направи пресврт и првпат на мечот поведе со 26:25.Куманово имаше последен напад за израмнување, но не успеа да реализира, па натпреварот заврши со победа на Чаир со 27:26.

Со оваа победа Чаир се врати на второто место на табелата, со 11 бодови колку што има и Металург Автокоманда кој денеска беше подобар од Вардар.

Утре се игра последниот натпревар, а во Штип кај Астибо гостува шампионот Ѓорче Петров.

Ивона Кимовска