Македонскиот претставник во ЕХФ Европскиот куп Алкалоид попладнево во 18 часот го игра реванш натпреварот од осминафиналето на домашен терен. Алкалоид на првиот дуел во Италија оствари победа од 12 разлика (44:32), па се очекува реваншот да биде само формалност и само заверка на четвртфиналето за македонскиот тим.
На првиот дуел пред седум дена Алкалоид одигра како што само може да посака секој тренер, а задоволство од тоа не го криеше ниту тренерот на Алкалоид Кирил Лазаров со напомена дека разликата е можеби и превисока, но победата во Италија е сосема заслужена.
Противникот игра модерен и брз ракомет, но ние сме поквалитетни и сметам дека може да оствариме уште една победа. На дуелот во Италија се играше на високо ниво, имаше многу голови. Мислам дека и на дуелот во Скопје ќе се игра на високо ниво со многу голови. За високата разлика на крајот од натпреварот, е тоа што ние ја искористивме слабата ротација на противникот, кој имаше 7-8 играчи за ротација. Ја повикувам публиката да не бодри и заеднички да го славиме пласманот во четвртфиналето, изјави десниот бек на Алкалоид Мартин Велковски.
За екипата на Алкалоид важно ќе биде и да се сочуваат дел од силите, особено што веќе в понеделник ги очекува дербито од домашното првенство и гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Битола.