Победа и во реванш осминафиналето оствари Алкалоид од Европскиот куп откако попладнево во Скопје го совлада италијанскиот тим Бриксен со 38:31 (19:20). Со овој триумф Алкалоид се најде во ТОП 8 од ова натпреварување, a на шестте европски натпревари постигна шест победи.

Натпреварот започна како и што се очекуваше, а македонскиот тим успеа да стигне до водство од 4:2, но брзо Бриксен изедначи на 4:4. Се играше со гол за гол, со водство на Алкалоид до 6:5, а потоа предност од еден гол имаа гостите до 10:10. Тогаш тимот на Кирил Лазаров ја прави првата серија од 5-1 за водство од 14:11, а набрзо имаа пак +3 (16:13). Но, потоа по неколкуте измени нападот на Алкалоид како да подзастана и по 17:15, следуваше серија од 5-0 за Бриксен за водство од 20:17. Во последната минута од првиот дел Алкалоид успеа да реализира два напада за на полувреме да биде 19:20 предност од еден гол за Бриксен.

На почетокот на вториот дел Алкалоид успеа да изедначи, а по 22:22 кое беше и последно изедначување на резултатот (13.то), македонскиот претставник направи серија од 8-1 за 30:23 во 40.та минута. Во тие осум голови Петковски постигна четири, а вкупно постигна осум и беше најефикасен во тимот на Алкалоид. Во 49.минута Алкалоид поведе и со +8 (33:25) што беше и највисокото водство на натпреварот.

До крајот на дуелот Лазаров направи измени и играчите од почетокот на натпреварот се наидоа на клупата, а шанса добија останатите.

Головите за Алкалоид ги постигнаа: Петковски 8, М.Митев 7, Бинго 5, Стојковиќ 4, Серафимов, Карасманакис, Георгиев, Ивановски и Оливериа по 2, Џонов, Велковски, Д,Митев и Савревски по 1. Галевски имаше 7 одбрани, а Кизиќ 8. Најефикасен на дуелот беше Де Оливерира Кандидо од Бриксен со 12 голови.

Пласман во четвртфиналето покрај Алкалоид досега имаат изборено уште: Партизан (Србија), АЕК (Грција), Бара Маре (Романија); Рунар (Норвешка), Хаукар (Исланд). Остануваат уште две екипи кои треба да бидат познати по дуелите: Олимпијакос – Драмен и Анортозис – Извиџач.

Ждрепката за четвртфиналето ќе се одржи во вторник на 25.февруари.