Со комплетирањето на реванш дуелите од 1/16-финалето, познати се сите екипи кои ќе играат во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Првопласираните осум од групната фаза ја прескокнаа првата рунда, па сега ги чекаат своите противници.
Ливерпул, Барселона, Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен, Лил и Астон Вила ќе ја имаат улогата на н0сители во ждрепката.
Меѓу осумте екипи на спротивната страна е Баерн кој се надева дека ќе игра во финалето што ќе се одржи токму во Минхен. Таму ќе ги нема италијанските Јувентус, Милан и Аталанта кои беа елиминирани од ПСВ, Феенорд и Клуб Бриж. Ќе го нема ниту англискиот првак Манчестер Сити кој налета на актуелниот европски шампион Реал Мадрид и расположениот Мбапе кој постигна хет-трик.
Така уште пред ждрепката на повидок се три големи пресметки. ПСЖ може да налета на Ливерпул или Барселона.
Постои варијанта за шпанско-германска пресметка или на дуели на две екипи од Ла Лига и Бундес лигата. Потенцијални противници на Реал се градскиот ривал Атлетико Мадрид и германскиот првак Баер Леверкузен. Еден од овие два тима (Атлетико или Баер) ќе биде противник на минхенски Баерн.
Што ќе донесе ждрепката закажана за во петок напладне (12 часот) во Нион, останува да видиме.
