Вниманието на европската фудбалска јавност, денеска и утре ќе биде насочено кон првите шеснаесетина финални натпревари во Лигата на шампоните.
Дербито на оваа рунда ќе го играат актуелниот европски шампион Реал Мадрид и англискиот првак Манчестер Сити.
Лошо одиграната групна фаза придонесе овие два тима кои пред сезоната беа главните фаворити за трофејот, да играат меѓусебно во оваа фаза. Така само еден од нив ќе ја задржи шансата за борба за шампионскиот пехар.
Ова ќе биде четврта сезона во низа во која „граѓаните“ и „кралевите“ ќе играат меѓусебно во нокаут-фазата, петти пат во последните шест сезони.
Во досегашните 12 одигран натпревари англискиот шампиони има 4 победи, една повеќе од Реал, а пет натпревари завршиле нерешено. Минатата сезона тие се сретнаа во четвртфиналето. Победникот го решија пеналите откако на првиот дуел во Мадрид беше 3-3, а реваншот во Манчестер заврши 1:1. Реал го доби „пенал рулетот“, а подоцна стигна и до шампионскиот трофеј.
Впрочем, секогаш кога Реал го минувал Манчестер Сити во нокаут-фазата, подоцна успевал да ја освои и титулата.
Во пресрет на денешниот, прв, натпревар двајцата тренери, Гвардиола и Анчелоти се судруваат со проблеми. Шпанецот и Италијанецот не ќе може да сметаат на повеќемина стандардни првотимци.
Како ќе изгледаат екипите на стартот на натпреварот закажан за 21 часот останува да видиме.
Покрај овој натпревар денеска се играат уште три.
Од 18.45 часот ќе играат Брест и ПСЖ, а од 21 покрај Сити и Реал, ќе стартуваат дуелите Јувентус – ПСВ и Спортинг – Борусија Дортмунд.
Останатите натпревари ќе се играат утре.