Ракометарите на Франција се вторите кои обезбедија пласман во полуфиналето на Светското првенство.
Во вториот четвртфинален дуел, одигран денеска во Загреб, Французите се изнамачија да го совладаа Египет и тоа со гол во последната секунда.
Иако по полувреме „триколорите“ направија четири гола предност (18-14), сепак во вториот дел беше многу понеизвесно.
Иако Французите имаа и пет голови предност, африканскиот шампион не се предаде. Ја анулираа негативата ракометарите на Египет, дојдоа и до ситуација да играат продолжение, но загубија. Омар Јахија на 4.секунди пред крајот израмни на 33-33. Сепак, Лука Карабатиќ погоди од центар со звукот на сирената за конечни 34-33.
Така актуелниот светски вицепрвак Франција избори ново полуфинале во кое ќе игра со Хрватска која исто така со гол во последната секунда ја совлада Унгарија (31-30).
Утре на програмата се преостанатите два четвртфинални дуели, Данска – Бразил и Португалија – Германија. Победниците од овие натпревари ќе го сочинуваат вториот полуфинале пар.
Полуфиналните натпревари ќе се играат во четврток и петок.