Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки и анализи, пред новиот настап на Светските првенства.
Мундијалот што се игра во Хрватска, Данска и Норвешка, започна денеска, за Македонија својот прв меч ќе го игра утре. Унгарија ќе биде противникот на македонските ракометари во 1.коло од Д групата во Вараждин.
Иако Унгарците важат за фаворити во нашата група, сепак во таборот на нашата селекција не размислуваат предвреме да се предадат. Напротив, младиот Марко Митев кој одигра фантастично лани на Европското првенство ветува голема борба.
„Со нетрпение го чекаме стартот на првенство. Долго време се подготвиме, а правевме и анализа на првиот противник. Унгарија е фаворит во нашата група.
Иако сме аутсајдери на овој натпревар, сепак ние трпеливо ќе ја чекаме нашата шанса и ќе се надигруваме со нив.
Ме радува одличната атмосферата во тимот, сите се желни да го дадат максимумот. Ќе го оставиме срцето на теренот, за нас, за Македонија, за сите кои ќе не бодрат во Вараждин и оние пред ТВ-екраните.
Нашата цел е пласман во главната рунда, нема да мислиме само на победа над Гвинеја, туку и на другите два натпревар“, изјави Марко Митев.
Многу работи во играта на Македонија секако ќе зависат од Митев, а како тој и неговите колеги ќе одиграат останува да видиме.
Утрешниот дуел меѓу Македонија и Унгарија ќе се игра во вечерниот термин од 20.30 часот. Претходно (од 18 часот) во нашата група ќе играат Холандија и Гвинеја.