Кошаркарите на Кожув славеа „голема“ победа во дуелот од 11.коло во Првата лига против Работнички. Неизвесниот натпревар одигран во Гевгелија домашниот тим го доби со 81-79.
Првата четвртина мина во израмнета игра па ниту еден од тимовите не направи поголема предност од 4 поени. На паузата меѓу двата периоди домаќините заминаа со плус три 21-18. Во втората четвртина за нијанса подобри беа гостинските кошаркари, па тие на одмор заминаа со позитива од два поени 38-40.
Во второто полувреме, гостите од Скопје повторно беа за нијанса подобри. Имаше Работнички и најголеми +9 (59-68) на пет минути до крајот. Домаќините не се откажаа и со серија од осум поени дојдоа на -1 (67-68), а потоа и успеаја да го преземат водството. Во последните 17 секунди се влезе со израмнет резултат (79-79). Американецот, Вилсон погоди за водство на Кожув 81-79, а последните обиди гостите (Ефремовски и Полутак) да стигнат до израмнување не ги искористија.
Пелепиќ со 27 поени беше прв стрелец во победничката екипа, за која Вилсон постигна 18. Кај поразениот тим Шошкиќ постигна најмногу 26 поени.
Во првиот денешен натпревар, Пелистер го доби дербито против ТФТ, а вчера МКК Куманово беше подобар од Вардар. Останатите три натпревари од ова коло ќе се играат утре. Со оваа победа Кожув се проби на 4.место на табелата со 18 бодови колку имаат Куманово пред него и Работнички на петтото место.
ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – 11.КОЛО
Сабота
КОЖУВ – РАБОТНИЧКИ 81-79
ПЕЛИСТЕР – ТФТ 91-82
Недела
17.00 ГОСТИВАР – ЧАИР
18.00 ТИКВЕШ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ
19.00 ФЕНИКС – ШКУПИ
Петок
МКК КУМАНОВО – ВАРДАР 92-63
ТАБЕЛА: ТФТ 20 бодови, Пелистер 19, МКК Куманово 18, Кожув 18, Работнички 18, МЗТ Скопје Аеродром 17, Чаир 17, Тиквеш 13, Гостивар 13, Шкупи 13, Феникс 12, Вардар 11.