Во НБА лигата синоќа се одиграа уште 11 натпревари, а се издвојува уште еден голем натпревар на Никола Јокиќ кој со Денвер славеше против Атланта. Серијата порази ја прекина ЛА Лејкерс кои славеа против Портланд.

По неговиот личен рекорд од 56 поени, Никола Јокиќ само ден подоцна повторно беше блиску до 50-ка. Србинот постигна 48 поени, на кои додаде 14 скока и осум асистенции, во победата на Денвер на гостувањето кај Атланта со убедливи 141:111.

По три последователни порази, Лос Анџелес Лејкерс се вратија со победи. На домашен терен славеа против Портланд со 107:98.

Без Леброн Џејмс во тимот, Ентони Дејвис ги предводеше Лејкерси до победата. Дејвис оствари дабл-дабл со 30 поени и 11 скока на кои додаде и пет блокади. Двоен учинок имаше и Д’Анџело Расел со 28 поени и 14 асистенции.

Најдобриот тим во лигата Кливленд го претрпе четвртиот пораз.

Откако сеоната ја започнаа со 15-0 Кавалирс го забележа третиот пораз на последните седум натпревари. Тие загубија со 113:122 на гостувањето кај Мајами.

„Хитс“ трет натпревар по ред постигнуваат најмалку 121 поен, а синоќа до победата го предводеше Тајлер Херо со 34 поени, додека Данкан Робинсон додаде 23 поени.

На останатите натпревари беа постигнати следниве резултати:
Орландо – Феникс 115-110,
Сан Антонио – Њу Орлеанс 121-116,
Вашингтон – Мемфис 112-140,
Голден Стејт – Минесота 114-106,
ЛА Клиперс – Хјустон 106-117,
Сакраменто – Јута 141-97.