Репрезентативната пауза добро им дојде на кошаркарите на Пелистер да ги консолидираат редовите, особено по двата врзани порази. 

Последниот во домашното првенство од Шкупи во Битола, беше опомена за избраниците на Александар Петровиќ. 

„Работевме напорно во овие изминати десетина дена, максимално користејќи ја паузата. Оној пораз од Шкупи беше како гром од ведро небо за нас, работевме на отстранување на грешките, но истовремено и зборувавме многу со самите играчи, за во продолжението од сезоната да влеземе максимално фокусирани. Јас верувам во мојата екипа, имаме квалитетен состав и очекувам да влеземе во посакуваниот ритам“, изјави Александар Петровиќ.

Првиот „испит“ за сработеното во овој период ќе биде Работнички во дербито на 8-то коло во Првата лига.

„Работнички веќе покажа дека приоритет сезонава ќе му биде домашното првенство, формата на тимот пред се на домашните натпревари се движи во нагорна линија и знаеме дека нема да ни биде лесно. Она што ќе биде клучно е да се одигра максимално ангажирано, со цврста одбрана во текот на сите 40 минути. Тие добија многу со доаѓањето на Дубински на плејмејкерската позиција и ќе мораме да внимаваме да ја неутрализираме нивната „пик игра“. Верувам дека ќе биде добар натпревар, дека Пелистер ќе се покаже во добро светло и секако се надевам дека ние ќе излеземе како победници“, вели Петровиќ.

Дуелот меѓу Работнички и Пелистер што ќе се игра во СЦ „Кале“ вечерва во Скопје, ќе почне од 19 часот.