Ракометарките на Македонија со висок пораз од Шведска го почнаа настапот на Европското првенство што се игра во Унгарија, Австрија и Швајцарија. Вечерва во Дебрецин, фаворитот Шведска славеше победа со 28:18 (полувреме 15:7).
Македонските ракометарки на стартот од дуелот поведоа со 3:1, но противничкиот тим брзо ја презеде контролата над играта и резултатот и дојде до водство.
По водството на Шведска од 9:7, до крајот на првиот дел оваа репрезентација постигна шест голови, а серијата ја продолжија и на стартот на вториот дел и стигнаа до водство до 20:7. Шведска стигна до највисоките + 16 (24:8), кои ги имаше во уште два наврати. До крајот на натпреварот Македонија успеа да го намали високиот пораз и конечниот резултат беше 28:18.
Најефикасна на дуелот беше шведската репрезентативка Натали Хагман со 9 голови. Кај Македонија по три голови постигнаа: Ива Младеновска, Марија Јанкуловска, Јована Кипријановска и Сара Ристовска. Голманката на Македонија Јована Мицевска дуелот го заврши со 11 одбрани.
Во првиот натпревар од групата „А“ во Дебрецин, ко-домаќинот Унгарија ја совлада Турција со 30:24.
Македонија во следното коло в сабота игра против селекцијата на Турција.