Женската одбојкарска репрезентација на Македонија втор пат ќе биде дел од ЦЕВ Сребрената Европска лига. Македонските одбојкарки во новото издание (2025-та) се во друштво на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарски Острови и Исланд.
Натпреварите ќе се одвиваат според т.н. „швајцарски систем“ односно низ три викенди ќе се играат по три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
Македонија ќе биде организатор на турнир во првиот викенд, периодот од 30 мај до 1 јуни, кога ќе ги пречекаме селекциите на Луксембург на 30 мај, додека на 1 јуни се соочуваме со Швајцарија.
Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни). На 6 јуни ќе ги измерат силите со домаќинот, додека ден подоцна играат против Австрија.
Третиот викенд (13-15 јуни) Македонија треба да игра на турнир кој ќе го организира Израел. На 13 јуни играме против Израелките, додека на 14 јуни ќе се соочиме со Грузија.
Земајќи ја предвид воено-политичките околности во кои се наоѓа Израел, женскиот национален тим на оваа земја ќе биде организатор на неутрален терен, за кој учесниците ќе бидат информирани најдоцна до март 2025 година.
По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела. Четирите најдобро пласирани ќе изборат учество на финалниот турнир, што ќе се одржи од 27 до 29 јуни. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.