Со натпреварот во Битола, одигран попладнево, а во кој Пелистер го совлада Феникс, започна 6.коло во Првата кошаркарска лига. Битолчани во празната сала „Боро Чурлевски“ го совладаа скопскиот тим со 110-93.
Откако во првиот период за нијанса подобри беа гостите (24-26), пелистерци во вториот одиграа на посакуваното ниво. Ja одржуваа гостите разликата до 15-тата минута, кога го имаа и последното водство 36-38. Зелено-белите со серијата од 11-0, за прв пат заминаа на двоцифрена предност (51-41). На одмор домаќините имаа 13 поени предност 59-46.
По пет минути игра во третиот период, скопската екипа успеа да анулира 10 поени и да дојде до -2 (65-63). Тоа беше знак за тајм-аут на домашниот тренер Петровиќ. Тоа донесе ефект, па Пелистер во последниот период влезе со +7. А, во него, домаќините уфрлија во поголема брзина и направија огромна предност над 20 поени. Тоа беше сигнал за „бело знаме“ од страна на гостинскиот тренер Дервишевиќ кој во завршните 2.минути им да даде шанса на помладите, а тоа го стори и Петровиќ на спротивната страна. Пелистер заслужено на крајот славеше со 17 поени разлика.
Петмина кошаркари на Пелистер завршија со двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Мишковиќ кој на 30-те поени додаде и 13 скокови. Американецот, Антоан заврши со 18, Лука Стојаносвки даде 15, Едвардс 13, а Стајиќ 10 поени
Со ова победа и 11-те бодови Пелистер изби на првото место на табелата во исчекувања резултатите од останатите дуели.
Утре на програмата се три натпревари, а МЗТ и Работнички своите дуели од ова коло ќе ги играат во недела и понеделник.
ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – 6.КОЛО
Петок (08.11)
ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 110-93
Сабота (09.11)
13.30 ШКУПИ – ТИКВЕШ
19.00 КОЖУВ – МКК КУМАНОВО
19.00 ЧАИР – ВАРДАР
Недела (10.11)
18.00 МЗТ СКОПЈЕ А. – ГОСТИВАР
Понеделник (11.11)
18.00 РАБОТНИЧКИ – ТФТ
ТАБЕЛА: Пелистер 11 бодови, ТФТ 10, Чаир 9, Работнички 9, МЗТ Скопје Аеродром 8, Кожув 7, Гостивар 7, Тиквеш 7, МКК Куманово 7, Феникс 7, Шкупи 6, Вардар 5.