Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се пред голем предизвик, да слават победа на гостувањето во Домжале кај Хелиос.
Само така аеродромци би останале во игра за пласман во плејофот на АБА2 лигата. Свесни се во таборот на сино-белите дека друга опција освен победа нема.
Тренерот Васко Атанасов вели дека задачата нема да биде лесна, но дена сите се решени да ја дојдат до целта.
„Хелиос во Скопје покажа дека е одличен тим, со голема ментална стабилност што беше клучно во финишот.
Во Домжале дојдовме решени да вратиме со иста мера, односно да го надополниме минусот од претходниот меч со што би се вратиле на планираната патека. Нема да биде лесно, но решени сме да сториме се за да дојдеме до целта.
Ова е исклучително важен дуел за нас во кој сум убеден дека ќе покажеме дека располагаме со квалитетен состав, кадарен за високи дострели“, изјави Васко Атанасов, тренер на МЗТ Скопје Аеродром.
И Американецот, Дион Едвин е со исто размислување, потенцирајќи дека тимот е подготвен да се реваншира за поразот во Скопје.
„Нема што многу да се кажува, освен дека мора да победиме во овој натпревар.
Ќе мора да се издигнеме од дупката во која се најдовме, за да покажеме дека сме тим кадарен тим да оствари се што ќе посака.
Хелиос ни е должник од минатиот меч во Скопје и заедно со соиграчите сме подготвени да дадеме се од себе за да се реваншираме на идентичен начин“, вели Едвин.
Натпреварот Хелиос – МЗТ Скопје ќе се игра во терминот од 18 часот.
По него од 20 часот во Сараево, настап ќе има и вториот македонски претставник Работнички кој и гостува на Босна.