Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го претрпе вториот пораз во АБА2 кошаркарската лига.
Македонскиот првак во неизвесен натпревар пред својата публика во „Јане Сандански“ загуби од словенечкиот Хелиос со 70-72.
Израмнет дуел одиграа овие две екипи во кој во првиот дел ниту еден од тимовите не успеа да создаде поголема разлика од пет поени. На паузата гостите од Словенија беа оние кои заминаа со предност од четири поени 30-34.
Одличен трет период одиграа аеродромци, го добија со 25-15, па во последниот влегоа со +6 (55-49). Имаше МЗТ на стартот на последниот квартал и најголеми +7, но никако не успеа да се одлепи. Долго сино-белите имаа водство се до 67-66 и тука подзастанаа. Во неизвесната завршницата повеќе концентрација и прецизност имаа гостите. Со тројката на тројка на Јан Цопот со истекот на нападот гостите поведоа со 71-68. Во последниот напад при резултат 70-72, обидите на Војдан Стојановски и на Бакјовиќ со тројка да го реши победникот остана не реализира.
Само двајца кошаркари на МЗТ имаа двоцифрен број на постигнати поени. Брендон Слај натпреварот го заврши со 20 поени, а Дион Едвин со 17 поени.
Така Хелиос стигна до третата победа во „А“ групата со која се зацврсти на врвот на табелата. За МЗТ ова беше пораз по кој останува на третото место.
И во следното коло овие два тима ќе играат меѓусебно. Тој натпревар е закажан за 5 ноември во Домжале.