Ракометарите на македонскиот претставник во Европскиот куп Алкалоид со убедлива победа го почнаа настапот во европските купови. Тие вечерва на домашен терен во салата Автокоманда која беше исполнета до последното место ја победија литванската екипа Драгунас Клаипеда со 42:31 (18:12).
По стартните 2:0 за Алкалоид, гостите стигнаа до изедначување од 3:3, а брзо и до водство од 5:4 во првиот дел од натпреварот кога се играше брзо и со многу контри и брзо изведување од центар. По 9:9 кое беше шесто и последно изедначување на натпреварот Алкалоид направи серија од 8:1 и стигна до предност од седум разлика (17:10). Во овој дел од натпреварот одличен на голот на Алкалоид беше Иван Галевски со 8 одбрани и 1 гол.
Во вториот дел Алкалоид стартуваше со серија од 4-1 и водство од девет разлика, кое го имаше во неколку наврати. Гостите од Литванија успеаја да го намалат водството во неколку наварти, а по серијата на македонскиот претставник од 6-1 предноста стана двоцифрена (36:25) во 53.та минута. До крајот на дуелот Алкалоид стигна во два наврати и до најисоки +13 (41:28 и 42:29).
Најефикасни кај Алкалоид беа Костески со 10 голови и Бинго со 9.
Реванш натпреварот се игра на 26.октомври во Клаипеда.