Македонскиот шампион Струмица го заврши својот настап на европската сцена. Струмичани претрпе пораз од Фино Капошвар, и тоа по одиграниот „златен сет“ .
Во реванш дуелот од втората квалификациска рунда одигран попладнево во Унгарија, одбојкарите на Струмица загубија со 0:3. Со тоа унгарскиот тим ја надополни негативата од првиот меч во кој македонскиот шампион славеше исто така со 3:0. Затоа решаваше златниот сет во кој повеќе нерви имаа домаќините, па тие се пласираа во следната рунда.
Лошо го отворија мечот струмичките одбојкари, па уште на стартот имаа негатива од пет поени (0-5). Тоа се покажа како решавачки па домаќинот лесно го доби првиот сет со 25-19.
Во вториот сет се играше многу порамноправно. Двете екипи се менуваа во водство, а први шанса за освојување на сетот имаа одбојкарите на Струмица. Водеа струмичани со 24-23, но не успеаја да го освојат сета, Тоа им појде од рака на домаќините кои го добија на разлика со 28-26.
Во третиот сет Капошвар имаше и три поени предност, но Струмица успеа да го врти резултатот. По 4-1, струмичани израмнија на 5-5, а потоа поведоа и со 11-9. Имаа струмичани и четири поени предност (21-17), но тука подзастанаа. Му дозволија на противникот да се врати во игра, да го добие сетот со 26-24 и да се избори за решавачки „златен сет“.
Она што го пропуштија во претходните два сета, струмичани не можеа да го надополнет во „златниот сет“. Тој им припадна на одбојкарите на Фино Капошвар со 15-11 со што унгарската екипа се избори за 1/16-финалната рунда.