македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, со победа ја почна новата сезона во регионалната АБА2 лига.
МЗТ славеше победа над црногорскиот Теодо со 68-50 во натпревар од 1.коло на „А“ групата.
На дуелот одигран во „Јане Сандански“ аеродромци победата ја најавија уште во првиот период што го добија со 21-13. Во вториот, МЗТ водеше со најголеми +13, а на одмор сино-белите заминаа со +11 (35-24).
Во второто полувреме македонскиот шампион ја контролираше играта иако гостите дојдоа до пет негатива. МЗТ не му дозволи на противникот да се понадева дека може непоразен да си замине од Скопје, па на крајот славеше убедливо со 18 поени разлика (68-50).
Војдан Стојановски со 13 поени беше прв стрелец во редовите на МЗТ за кој Марко Баковиќ постигна 12.
Во следното 2.коло (12 октомври), МЗТ ќе гостува на хрватската Цедевита јуниор. Во оваа група игра и словенечката екипа Хелиос од Домжале.
Аеродромци во меѓувреме (сабота – 28 септември) ќе го играат дуелот од Супер Купот на Македонија против Пелистер. Битолчани заедно со екипата на Работнички исто така ќе ја претставуваат Македонија во АБА2 лигата.