Македонскиот одбојкарски првак Струмица повторно ќе настапи во Лига на шампионите.
Минатата сезона Струмица не го мина квалификацискиот турнир во Бургас. Таму беше поразена од Нефтохимик Бургас, Будванска Ривијера од Црна Гора и унгарскиот Фино Капошвар.
По елиминацијата од Лигата на шампионите, струмичани два пати беа поразени од германскиот Дуерн во 1/16-финалето на ЦЕВ Купот.
Сега стумичани се надеваат дека можат да направат чекор повеќе, но за тоа ќе мора да го минат актуелниот шампион на Грција, Олимпијакос.
Иако македонскиот шампион во своите редови донесе неколку засилувања, пред се на македонски репрезентативци, сепак Олимпијакос ја има благата улога на фаворит.
Таа улога првакот на нашиот јужен сосед ќе мора да ја потврди со играта во двата натпревари.
Првиот на програмата е денеска во спортската сала „Парк“ во Струмица со почеток во 19 часот.
Реванш дуелот ќе се игра по седум дена (24 септември од 19:30 часот).