Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го посакува четвртиот во низа настап на Европските првенства. На патот кон целта и стојат селекциите на Грузија и Грција.

Првата пречка, грузиската, македонските одбојкари ја имаа успешно, со максималната победа (3-0) на гостувањето во Тбилиси. 

Сега следува посериозната, селекцијата на Грција која е далеку поквалитетен противник од Грузија. Еден од најискусните македонски одбојкари Александар Љафтов смета дека претстојниот меч е еден од клучните за остварување на целта. 

„Најважен натпревар. Ако го победиме веќе со една нога сме на европско 2026-та.

Но, нека помине натпреварот, па потоа пак ќе зборуваме за тоа.

Сакам да ја замолам публиката, да дојде да не бодри за заедно да извојуваме победа“, истакнува Љафтов.

Натпреварот Македонија – Грција ќе се игра во недела во СЦ „Јане Сандански” од 20.15 часот. Влезот во салата е СЛОБОДЕН, па македонските одбојкари со право очекуваат дека ќе имаат голема поддршка од трибините.