Кошаркарскиот клуб Пелистер летово за нов шеф на стручниот штаб го ангажираше Александар Петровиќ. Пелистерци по трите плејоф финалиња во низа не ја кријат амбицијата во новата сезона конечно да стигнат до првиот трофеј, во Купот или шампионатот.
Воедно зелено-белите ќе имаат обврски и во регионалната АБА2 лига.
За новиот стратег Петровиќ ова е враќање во битолскиот клуб во кој беше во сезоната 2007/08.
„Тогаш бевме на второ место на табелата на половина од сезоната кога решивме да се разделиме, можам да кажам дека за Битола и за Пелистер ме врзуваат само убави спомени.
Секако, овој клуб е на едно многу повисоко ниво во однос на тоа време, но и во однос на огромно мнозинство од клубовите во мак-баскетот во моментов.
Стабилноста што ја покажа Пелистер во последните години, но пред се желбата на напредок и за освојување на трофеи, слободно можам да кажам дека нашите визии се поклопија и затоа ја прифатив понудата да застанам на чело на овој проект“,
вели Петровиќ.
Тој заедно со Марјан Илиевски кои ја извршува функцијата спортски директор веќе почнаа со градење на тимот. Во тимот сигурно остануваат Костоски и Лука Стојановски, додека нови играчи се: Стајиќ, Ташовски, Пандев, Бојиќ и Американецот, Брајан Антоан.
„Задоволен сум од тимот што го имаме и од засилувањата што ги носиме.
Секако, ростерот не е заокружен, неопходни се дополнителни засилувања пред се за борбата под рекетот, работиме напорно на нови потписи и мислам дека во наредните денови ќе биде дополнително засилен играчкиот кадар во Пелистер“, најавува новиот тренер на пелистерци.
Првата прозивка Петровиќ ќе ја направи 14 август во Битола, каде ќе се одработи првиот дел од подготовките. Ќе следуваат два контролни натпревари во Бугарија, но уште неколку други пред стартот на сезоната и тоа во АБА2 лигата на почеток на месец октомври.