По еднодневна пауза младата машка репрезентација на Македонија го продолжува настапот на Европското првенство за ракометари до 20 години.
Во досегашниот тек од првенството, односно петте одиграни натпревари, Македонија и Португалија се единствени селекции кои немаат пораз.
Избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ го осигураа своето место меѓу првите две во И2 групата. Сега сакаат да завршат на првата позиција на табелата за која ќе се борат со репрезентацијата на Франција.
Триколорите иако имаат еден пораз досега (во првата фаза), сепак поради подобрата гол разлика во втората во моментов се прво рангирани. Македонските младинци ќе сторат се и по овој меч да останат непоразени.
Во зависност од исходот од овој натпревар, но и на дуелите од „Ј“ групата ќе се формираат двојките во разигрувањето за пласман од 9 до 12 место. Од таа конкуренција сигурен пласман имаат Унгарците кои денеска играат со Словенија, која заедно со Хрватска се во трка за второто место. Единствено Србите немаат шанса за таа позиција.
Дуелот Македонија – Франција ќе почне точно на пладне (12 часот).