Македонскиот Олимписки Комитет во рамки на проектот „Интегритет во спортот: Фер плеј“, овие денови ја имплементира првата сесија ѓ. Станува збор за обуката на тема Превенција на манипулација со спортски натпревари, што ја води експертот Жоао Пауло Алмеида од Португалија.
Манипулацијата со спортски натпревари е глобална закана што го загрозува интегритетот на спортот и уништува многу кариери. Оваа закана е длабоко вкоренета во организираниот криминал, потребен е сеопфатен пристап за ефикасно справување со истата.
На обуката се разговараше за главните ризик фактори на коишто се подложни спортските работници и спортистите, како и за правната рамка на мониторинг, пријавување и водење на истрага.
„Олимпискиот Комитет на оваа тема во следниот период ќе биде активно вклучен, меѓу другото во МОК ќе биде ангажирано и лице кое ќе биде контакт лице за сите национални федерации членки на МОК за проследување на доверливи информации.
Лицето ќе подготви и едукативна програма која понатаму ќе се дистрибуира низ цела Македонија.
Целта ни е да ја подигнеме свеста особено кај младата спортска популација како да препознаат закана и како да пристапат кон истата“,
истакна Даниел Димевски, Претседателот на МОК.
Во овој проект предвидено е и креирање на национална платформа за размена на информации. Тие би биле со главните чинители, односно Олимпискиот Комитет, Министерството за внатрешни работи и обвинителство. Сето тоа со цел воспоставување на механизми за пријавување на евентуална манипулација или местење на натпревари и навремена истрага.
„Многу ни е драго што одѕивот на денешната обука беше одличен, денес во просториите на МОК присуствува повеќе од триесетина спортски работници кои активно се вклучија во дискусијата.
Особено е важно од една страна да се разберат кои се поттикнувачките фактори кои придонесуваат кон манипулација со спортски натпревари, како што се глобализацијата, брзиот раст на пазарот за обложување, се повеќе софистицираните уреди за комуникација како и интересот и вклученоста на организираниот криминал во спортот, и од друга страна кои се ефикасни стратегии и пристап кои се користат за превенција на оваа глобална закана која му наштетува на спортот и спортскиот дух“,
рече Силвија Митевска, координаторка на проектот-