Ракометарите на Барселона утре во Келн ќе го играат своето 17.то финале во Лигата на шампионите или Купот на шампионите во обид да ја освои 12.та титула европски првак.
„Каталонците“ во второто полуфинале на Ф4 во Келн го победија Кил со 30:18 (15:9). Така утре во финалето ќе играат против дански Алборг, за кого ова ќе биде второ финале.
Во дуелот на „гигантите“ Барселона имаше целосна контрола над резултатот и играта од средината на првиот дел. Кил последен пат водеше со 6:5 во 12.минута, а потоа цели 11 минути не постигнаа гол, па Барселона поведе со 10:6. Во тој дел од натпреварот блескаше голманот на Барселона Емил Нилсен, кој првиот дел запиша осум одбрани. Во последните 10-минути од првиот дел тренерот на Кил, Филип Јиха се реши да игра 7 на 6, но Барселона тоа го казни и дојде до високи 15:9 на полувреме.
На почетокот на вториот дел Кил постигна „лесни“ голови, но од контра и брз центар и повторно падна во „црна дупка“ и цели десет минути немаше гол, за Барселона да дојде до двоцифрена предност 24:14 во 48.минута. Воедно оваа предност беше и потврда на победата на Барселона и пласманот во финалето.
Јунак на натпреварот беше голманот на Барселона Нилсен, кој дуелот го заврши со 15 одбрани. Најефикасен беше Малвин Ричардсон со 5 голови, додека кај Кил Домагој Дувњак со 4 голови беше најпрецизен.
Финалето утре меѓу Алборг и Барселона кое почнува во 18 часот, ќе го судат македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Дуелот за третото место меѓу Кил и Магдебург почнува во 15 часот.