Македонската фудбалска репрезентација денеска ќе патува за Ријека каде ќе го игра пријателскиот натпревар против Хрватска. Бронзените од последното Светско првенство се подготвуваат за настап на Европскиот шампионат, а Македонија за новиот циклус во Лигата на нациите.
Овој натпревар ќе биде добар тест за избраниците на Благоја Милевски, да одиграат квалитетен натпревар во кој ќе подготвуваат и дел од тактиките за следните настапи.
Пред заминувањето за Хрватска, своите очекувања ги изнесе дефанзивецот Јован Манев.
„Среќен сум што сум заедно со соиграчите и стручниот штаб.
Кога се игра против репрезентации како што се Хрватска или Чешка, селекции кои се подготвуваат за Европското првенство, мотивацијата е на највисоко ниво.
Се надевам дека ќе бидат одлични тест натпревари за нас за предизвиците кои нé очекуваат во септември.
Кога се игра за репрезентација не постои штедење, фокусот е присутен постојано и кога сме на собир друга побитна работа нема.
Сите тука сме со една цел, да постигнеме добар резултат“, изјави Манев.
Натпреварот Хрватска – Македонија ќе се игра на 3 јуни, а седум дена подоцна (10 јуни) следува гостувањето кај Чешка.
Потсетување дека противниците на црвено-жолтите ги очекува настап на Европскиот шампионат го Германија летово.