Турнирот во Белгија ги зголеми амбициите на македонските одбојкари во Европската златна лига. Пласманот во неа не е најзначаен, иако секој резултат може да донесе придобивки.
Сепак, спортски е да се посакува уште некоја победа во оваа репрезентативна активност. Само 38 часа по враќањето од Белгија, националниот тим ќе патува во Хрватска. Таму во Осиек, ќе ги одихра последните два натпревара од годинашното издание на најсилното натпреварување на ЦЕВ. В петок ќе играме со домаќинот Хрватска, а в сабота со Шпанија.
За разлика од Беверен, во нашиот состав ќе има две промени. Тоше Ефремов и дебитантот Кристијан Илиев ќе ги заземат позициите на Ангел Бошков и на Стојче Арсов.
Селекторот Хари Наковски сака да им даде шанса на сите играчи коишто беа дел од овој едномесечен репрезентативен термин.
Македонија преку овие натпревари ќе ја крева формата за најважните натпревари во оваа календарска година. Тоа се квалификациските пресметки со Грузија и со Грција во август за пласман на Европскиот шампионат.
Со оглед дека Александар Љафтов реши да одмори за Европската златна лига, а Филип Деспотовски се пензионираше, досегашниот биланс е очекуван. Љафтов ќе биде во тимот за евро-квалификациите.