Бранителот на шампионскиот трофеј во кошаркарското првенство на Македонија, тимот на МЗТ Скопје Аеродром, со победа ја отвори финалната серија против Пелистер.

Аеродромци во првиот меч, пред својата публика во „Јане Сандански“, го совладаа Пелистер со 82-77 и поведоа со 1:0 во победи.

Шампонот подобро го отвори натпреварот. Имаше МЗТ и десет поени предност, а првата четвртина ја заврши со +5 (28-23).

Иста слика и во вториот период. Домаќините постојано во предност меѓу 5 и 10 поени, а со толку заминаа и на одмор (50-40).

Во второто полувреме, битолчани успеаја да ја надополнат негативата. Во 26-минута по втор пат на натпреварот поведоа со 54-56.

Сепак, во завршната четвртина влегоа со два поени заостанување (65-63). Во последниот период зелено-белите постојано бркаа негатива, имаа шанси и за израмнување, ни тоа не го искористија. На крајот МЗТ заслужено славеше со конечни 82-77.

Четворица кошаркари кај МЗТ беа двоцифрени, а капитенот Дамјан Стојановски со 16 поени беше најефикасниот.

Два помалку постигна Танасковиќ, а по 11 реализираа Војдан Стојановски и Гилон. Инаку, Војдан на почетокот на последната четвртина се пожали на повреда и до крајот не влезе во игра.

Кај пелистерци двоцифрени беа: Планиниќ (19 поени и 8 скокови), а по 16 имаа Костовски и Маслинко (и 8 скокови).

И вториот натпревар во серијата подобар до три победи ќе се игра во „Јане Сандански“ во среда.