Кошаркарите на Пелистер повторно ќе играат во финалето на шампионатот на Македонија. Пелистерци пред својата публика го совладаа Работнички со 88-80 и со 3:1 во победи ја добија полуфиналната серија во плејофот.
Домаќините одлично го отворија натпреварот и веќе во четвртата минута имаа девет поени предност 15-6. Во деветтата минута за прв пат зелено-белите имаа двоцифрена предност 29-18. Првиот период го добија пелистерци со 22-20. Така беше и во втората четвртина, која во 19.минута Пелистер имаше +13 (48-35), а на одмор замина со 11 поени предност 48-37.
По пет минути игра, во второто полувреме, со серијата тројки, домаќините дојдоа и до +17 (64-47). Сепак брзо ја стопија гостите таа предност и на стартот на последната четвртина дојдоа до -4 (66-62). Но, тоа беше се што сторија црвените од „Градски парк“. Пелистер не им дозволи гостите од Скопје, да направат комплетен пресврт и да заминат со победа и да се изборат за „мајсторка“. Битолчани знаеја како да ја сочуваат предноста и на крајот да слават со конечни 88-80.
Јуре Планиниќ со двоен ефект со 21 поени 12 скокови, заедно со македонскиот репрезентативец Андреј Маслинко кој постигна 20 поени, беа првите стрелци во победничката екипа. Кај гостите Американецот, Декоси и Хрватот, Рикиќ постигнаа по 18 поени.
Така повторно, како и изминатите две сезони, ќе гледаме финале на две исти екипи. Пелистер ќе го предизвика шампионот МЗТ Скопје Аеродром кој со чисти 3:0 го совлада ТФТ.