Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром и по трет пат беа подобри од ТФТ во полуфиналето на плејофот. Аеродромци вечерва во СЦ „Кале“ го добија тимот на ТФТ со 72-58 и со 3:0 во победи ја завршија серијата.
Во ниту еден момент, актуелниот првак не му дозволи на противникот да се понадева на изненадување. Во текот на целиот натпревар сино-белите ја контролираа играта и резултатот и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Баковиќ со 14 поени беше прв стрелец во победничката екипа за која браќата Стојановски и Делалиќ додадоа по 10.
Во своето 18-то финале МЗТ за противник ќе го има подобриот до дуелот Пелистер – Работнички во кој битолчани водат со 2:1 во победи во серијата подобар до три.
Победата „металците“ му ја посветија на Марјан Михајловски, својот довчерашен член на клубот и еден од основачите на навивачката група „Фемили Аеродром“.