Обврските на актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром во АБА2 лигата, беа причината за пролонгиран полуфиналната серија од плејофот во домашното првенство.
Екипите на МЗТ Скопје и ТФТ попладнево ќе го одиграат првиот натпревар од оваа рунда.
Аеродромци во овој дуел влегуваат како фаворити, не само поради тоа што се шампиони, туку и поради меѓусебните дуели сезонава. Во трите одиграни, сино-белите забележаа исто толку победи. Две од нив во првенството и онаа во АБА2 лигата.
Единствен дуел во кој ТФТ парираше беше вториот првенствен одигран во СЦ „Кале“. Сепак, тимот од скопската населба Тафталиџе имаше повеќе време да одмори и да се подготви за денешниот дуел. За аеродромци овој меч доаѓа меѓу двата исклучително важни дуели со Спартак Суботица во полуфиналето на АБА2 лигата.
Ќе го искористат ли тоа избраниците на Боро Смилковски да направат брејк на стартот на серијата што се игра во три добиени натпревари останува да видиме.
Првиот (денешниот) од двата дуели што ќе се играта во „Јане Сандански“ ќе почне во 19 часот.