Почетокот на четвртфиналните серии од плеј-офот и во женскиот кошаркарски шампионат, донесе една гостинска и две домашни победи.

За првото изненадување се погрижија кошаркарките на Крива Паланка кои направија „брејк“ на гостувањето во Скопје каде беа подобри од МЗТ Скопје Аеродром со резултат 70:65.

Алексовска реализираше 21, Мек Кала ја следеше со 20, а Мазук додаде уште 15. поени за гостинската екипа која сега има почетна предност (1-0) во серијата.

Почетно водство во серијата имаат и кошаркарките на Куманово-Гризли. Тие беа убедливи на свој терен во мечот против Бадел со 72:56.

Алексиќ постигна 24.поени за домашната екипа, Муса имаше 15, а Камп додаде 10. Кај Бадел, кој настапи без странските кошаркарки, Маркоска постигна 16, Алексовска 11, а Стојковска 9 поени.

Нешто порано, својот прв меч од серијата во четвртфиналето го одиграа кошаркарките на Вардар и Пробаскет. Славеа девојките во „црвено-црна“ комбинација со убедливи 84:54 и се на победа до пласман во полуфиналето.

Бранителот на титулата Баскет Кам својот прв плеј-оф натпревар против делчевски Партиот го закажа за 23 април (вторник), во 19.часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.

Пласман во финалето ќе обезбедат екипите кои први ќе остварат две победи.