Екипата на Чаир со неверојатна игра во завршницата го совладаа ТФТ во првиот четвртфинален дуел од плејофот. Со победата од 81-78 Чаир поведе со 1:0 во серијата подобар до три триумфи.

33-минути гостите беа оние кои ја контролираа играта и резултатот. Во втората четвртина имаше ТФТ и најголеми +17, а на полувремето замина со 13 поени предност. Со истата предност (60-73) влегоа и во завршните седум минути, но…

Домаќините ја анулираа негативата со серија од 14-0, па во завршните 110.секунди Чаир влезе со поен предност. Во нервозната „пенал“ завршница подобро се снајдоа домаќините. На 16.секунди до крајот при водство на Чаир (77-76), Верц лошо го изведе уфрлањето. Далгер ја украде топката и со забавање зголеми на +3 (79-76). Обидот на Зафиров со тројка со звукот на сирената да избори продолжение, беше неуспешен. Чаирчани славеа со конечни 81-78.

Роби со 20 поени беше прв стрелец кај победникот, додека Далгер постигна 19, а Галовеј беше стрелец на 17 поени за победничката екипа. Бадијала Верц реализира 17 поени за поразениот тим кога ја направи клучната грешка на натпреварот.

Според однапред утврдениот распоред следните натпревари треба да се играат во вторник/среда.

ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – ПЛЕЈОФ ЧЕТВРТИНАЛЕ (прв натпревар)
(1) МЗТ СКОПЈЕ А. – ГОСТИВАР 87-68 (1:0 во победи)
(2) РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 84-80 (1:0)
(3) ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ 94-60 (1:0)
(4) ЧАИР – ТФТ 81-78 (1:0)
*серијата се игра во три добиени натпревари

ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – ПЛЕЈАУТ ЛИГА 1.коло
КОЖУВ – ВАРДАР 74-63
ОХРИД – АКАДЕМИЈА ФМП 88-93

ТАБЕЛА: Кожув 29, Академија ФМП 28, Охрид 28, Вардар 26.