Македонија повторно ќе биде дел од елитниот европски ракомет. Женската сениорска репрезентација со победата над Азербејџан го потврди својот пласман на ЕП што ќе се одржи кон крајот на годината.
Селекторот, Кристијан Грчевски по натпреварот ги изнесе своите импресии.
„Многу важна победа за нас, со неа заверивме пласман на Европското првенство. Девојките одиграа како што треба, тоа што се договоривме го исполнија.
Им честитам на ракометарките за играта и за борбеноста, сериозно го сфатија мечот против Азербејџан, иако како противник е послаб, сите знаеме што значи ако некого потцениш.
Се потрудивме сите во составот да добијат минутажа, а истовремено да заштедиме сили за Литванија.
Иако оваа средба не е важна резултатски од аспект за пласман на Европското првенство, сепак би сакале да извојуваме победа на домашен терен, триумфално и во позитивна атмосфера да го затвориме овој циклус.
Се надевам дека со добра ждрепка на Европското првенство можеме најмалку да ја поминеме групата, па потоа ќе размислуваме за понатаму“., изјави селекторот Грчевски.
Македонските ракометарки очекуваат полна сала во недела за кога е закажан последниот квалификациски натпревар против Литванија.
Натпреварот ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, недела (7 април) од 18 часот, а вратите ќе бидат отворени за сите да ги поддржат и да им честитаат на ракометарките.