Македонскиот тенис доби ново име меѓу судиите на стол. Михаела Попова (24 години) се стекна со статус судија на стол со бела значка. Со неа Македонија сега има вкупно четири судии на стол, кои можат да судат мечеви ширум светот.
Попова во периодот од 7-11 март годинава успешно го мина школото што се одржуваше во Париз и се стекна со статусот бела значка – судија на стол. Михаела е најмлада од македонските судии. Покрај неа како судии на стол сè уште: Зоран Поповски, Анета Павловска и Душан Костадиновски.
„Голема чест ми беше што бев избрана за оваа школа што се одржа во Париз. Мојата желба отсекогаш била да бидам судија на стол, да бидам дел со најдобрите, да судам мечеви на најдобрите.
Дополнителен мотив за мене и за другите беше што овој настан се одржуваше на Ролан Гарос, место каде што играат и судат најпознатите. Во Париз имаше колеги од повеќе држави, а јас бев единствената од Македонија и од Балканот.
Правам чекори напред, односно се движам кон посакуваната цел. Досега имам постигнато многу, но во иднина се надевам на поголеми успеси. Исто така изразувам благодарност до Македонска тениска Федерација која ми овозможи да бидам дел од овој настан и ме поддржа за постигнување на мојот успех“, изјави Михаела.
Попова е три години тениски судија, а тенис играла од својата 11-та година благодарение на нејзиниот повозрасен брат Душан. Тој бил и мотивот таа да биде дел од судиите во тенисот.