Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија, и во четвртиот меѓусебен дуел одигра нерешено со Молдавија. На првиот контролен натпревар во Анталија, македонските фудбалери одиграа 1:1 со Молдавците.
Во мирното прво полувреме само две возбудувања пред голот на Молдавците.
Првата шанса ја имаше Елмас во 24.минута откако беше одлично проигран од Барди, но неговиот удар го одбрани Молдавскиот голман.
Кога сите очекуваа крај на полувремето, дојде водството на Македонија. Барди биеше од голема далечина, а молдавскиот голман кратко ја одби топката, на која натрча Бојан Миовски и донесе предност од 1-0.
Во вториот дел иако нашата селекција беше во постојана иницијатива сето тоа беше јалово, без ефект и резултат. Без конкретни шанси, од нигде никаде, Молдавија стигна до израмнување со атрактивниот гол на Виталиј Дамнашкан 82-та минута.
Во понеделник (25 март) македонските фудбалери ќе играат и против Црна Гора (18 часот).
Црногорците пак вчера ја надиграа Белорусија која ја поразија со 2-0 во натпревар во кој избраниците на Роберт Просинечки демострираа офанзивен фудбал. Стрелци на головите беа фудбалерите на Лацио, Марушиќ во 24-тата минута и напаѓачот на Лече, Крстовиќ 45.минута.